ВЕСТИПОЛИТИКА

Сиљановска-Давкова ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија одржана вчера во „Вила Водно“, ја одликуваше истакнатата биохемичарка Светлана Мојсов со високото државно признание Орден „8 Септември“. Ова одликување се доделува за нејзиниот извонреден и фундаментален придонес во биохемијата како врвна светска научничка и истражувачка.

Примајќи го признанието, Светлана Мојсов, како што информираат од кабинетот на претседателката, видно преплавена од емоции, накусо порача: „Јас сум без зборови. Многу Ви благодарам“.

Осврнувајќи се на нејзината импресивна биографија, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека иако судбината ја однела Мојсов во Соединетите Американски Држави, ние со гордост кажуваме дека таа е Македонка, родена во Скопје.

„Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе. Денес, со ова највисоко државно одликување ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови“, порача Сиљановска-Давкова.

Светлана Мојсов е родена во 1947 година во Скопје. Својата кариера ја градеше во САД, работејќи на престижни институции како Рокфелеровиот универзитет и Општата болница во Масачусетс. Нејзината макотрпна работа во областа на синтезата на пептиди доведе до револуционерни откритија кои денес се основа за најпродаваните лекови против дијабетес и за слабеење. Иако со години се соочуваше со неправда бидејќи патентите биле пријавени без нејзиното име, светската научна јавност неодамна ја исправи грешката, по што Мојсов стана добитничка на најпрестижните глобални награди, меѓу кои и место на листата на 100 највлијателни луѓе според магазинот „Тајм“.

Back to top button