ВЕСТИИМПУЛССВЕТ

Демократите го презедоа Конгресот, тежок пораз за Трамп на меѓуизборите во САД

Демократската партија освои мнозинство во Сенатот и Претставничкиот дом, а забележа победи и во повеќе гувернерски трки. Резултатот ќе го промени односот на силите во Вашингтон во последните две години од мандатот на Трамп.

Демократската партија освои контрола врз двата дома на американскиот Конгрес на меѓуизборите одржани во вторникот, 3 ноември, покажуваат проекциите на американските медиуми, меѓу кои Си-Ен-Ен и Асошиејтед прес (АП).

Според Си-Ен-Ен, демократите го презедоа мнозинството во Сенатот и Претставничкиот дом, додека Ројтерс објави дека партијата забележала победи и во неколку традиционално републикански упоришта.

Во Сенатот, демократите обезбедија најмалку 51 место, вклучувајќи ги независните сенатори кои соработуваат со нив, со што го презедоа мнозинството од републиканците. Според АП, демократите освоиле најмалку седум нови сенаторски места, меѓу кои во Тексас, Ајова, Канзас, Охајо, Мејн, Северна Каролина и Јужна Каролина.

Особено значајна е победата во Тексас, каде што демократот Џејмс Таларико го победи републиканецот Кен Пакстон. Демократите освоија сенаторско место и во Канзас, каде што Адам Хамилтон го победи досегашниот републикански сенатор Роџер Маршал.

Во Претставничкиот дом, каде што за мнозинство се потребни 218 од вкупно 435 места, демократите исто така ја презедоа контролата. Според првичниот пресек на „Гардијан“, во моментот на објавување на резултатите биле прогласени победници во 340 трки, при што демократите имале 214, а републиканците 126 места. Пребројувањето на преостанатите гласови продолжува.

Демократите остварија успеси и на изборите за гувернери во повеќе сојузни држави. Меѓу нив се Тексас, Џорџија и Охајо.

Резултатите претставуваат голема промена во политичкиот однос на силите во САД. Со преземањето на двата дома, демократите ќе имаат можност да блокираат законски предлози на администрацијата, да ги попречуваат потврдите на претседателските номинации и да отвораат конгресни истраги за работата на администрацијата.

Ројтерс наведува дека високите животни трошоци, војната со Иран и незадоволството од работата на владата биле меѓу главните теми што влијаеле врз гласачите.

Трамп ги прифати резултатите и им честиташе на демократите, но на социјалните мрежи порача дека републиканците ќе победеле доколку и тој бил на гласачкото ливче.

 

Back to top button