ВЕСТИСВЕТ

Дрон со експлозив пронајден до украински авион со муниција на аеродромот во Лајпциг

Спречен е обид за саботажа на аеродромот Лајпциг/Хале во Германија, каде е пронајден дрон со експлозив во непосредна близина на украински товарен авион кој превезувал муниција за Украина. Инцидентот, кој германските власти го истражуваат како хибриден напад, го пренесуваат повеќе релевантни светски медиуми, меѓу кои Ројтерс, Гардијан и Зидојче Цајтунг.

Според извештаите, дронот бил опремен со висококвалитетен воен експлозив (ПЕТН и Семтекс). Тој бил лоциран веднаш до товарен авион Антонов (Ан-124), кој непосредно пред тоа пристигнал од Франција носејќи товар со воена намена. Аеродромот во Лајпциг е познат како важен логистички центар за НАТО и за транспорт на воена опрема кон Украина.

До детонација не дошло исклучиво поради технички дефект на детонаторот на дронот. Специјалните полициски сили успешно го неутрализирале експлозивот користејќи роботи за деминирање, со што е избегната материјална штета на леталото.

Истата ноќ е регистриран уште еден поврзан инцидент. Товарен авион на компанијата ДХЛ, кој поради безбедносната ситуација бил пренасочен од Лајпциг, се судрил со неидентификуван летечки објект во воздухот. Леталото претрпело помали оштетувања, но успеало безбедно да слета на аеродромот во Хановер.

Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добриндт, инцидентот во Лајпциг го окарактеризира како „хибриден напад“ кој претставува „ново ниво на опасност“ за безбедноста. Случајот официјално се истражува како акт на саботажа. Иако првичните сомнежи на безбедносните експерти укажуваат на можна руска вмешаност, таквите наводи сè уште не се официјално потврдени од надлежните истражни органи.

Back to top button