АРТВЕСТИ

Гран при за филмот од Либан, награди и за домашни автори: Заврши седмото издание на Галичник Филм Фестивал

Со свеченото доделување на наградите и проекцијата на македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги М. Унковски, успешно заврши седмото издание на Галичник Филм Фестивал.

Во текот на четирите фестивалски дена, Галичник беше домаќин на филмски автори, гости и љубители на филмот од земјата и странство. Публиката имаше можност да проследи богата селекција на краткометражни филмови, мастерклас, разговори со автори и придружни фестивалски настани.

За најдобрите филмски остварувања одлучуваше стручното жири во состав: Вардан Тозија, Наташа Петровиќ и Ивана Шекиткоска.

Список на наградени остварувања:

  • Гран При: „Што ако бомбардираат овде вечерва“ (Либан)

  • Најдобар игран краткометражен филм: „Жигосување“ (Кина)

  • Најдобар документарен краткометражен филм: „Кобила-авион“ (Белгија, Швајцарија)

  • Најдобар анимиран краткометражен филм: „Живот кучешки“ (Унгарија)

  • Најдобра актерка: Јана Никодиновска за улогата во „Мала шега“ (Македонија)

  • Најдобар актер: Миливој Мики Рош за улогата во „Ветер во грб“

  • Најдобра режија: Рабиа Озмен за филмот „Процедура“ (Турција)

  • Најдобро сценарио: Игор Христов за филмот „Сопри ја колата“ (Бугарија)

  • Најдобра кинематографија: „Нилски коњ“ (Кина)

  • Награда од публиката: „Сопри ја колата“ (Бугарија)

  • Специјално признание: „Сакав да ти го слушнам гласот“ (САД)

Од фестивалот потенцираат дека и оваа година ја потврдиле својата улога како значајна платформа за промоција на современиот краткометражен филм, поврзување на авторите со публиката и поттикнување на филмската култура надвор од урбаните центри. Преку внимателно селектираната програма беше создаден простор за културна размена и непосредна комуникација меѓу филмските професионалци и посетителите.

„Организаторите упатуваат искрена благодарност до членовите на жирито за нивната посветеност и професионалност, како и до сите автори, гости, волонтери, партнери, Агенцијата за филм, спонзорите и посетителите кои придонесоа седмото издание на фестивалот да биде успешно реализирано“, соопштија од организацијата, додавајќи дека продолжуваат со мисијата за афирмација на авторскиот филм.

Back to top button