
Документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски вчеравечер ја имаше светската премиера во официјалната документарна конкуренција на 32. Сараевски филмски фестивал, се наведува во соопштението доставено до медиумите. Во официјалната програма на фестивалот, 86-минутниот филм е најавен како светска премиера во документарната конкуренција.
По завршувањето на проекцијата во салата најпрво завладеала долга тишина, по што следувал силен аплауз од публиката. И српски „Данас“, во извештај од премиерата, пишува дека салата останала во молк пред да уследи аплауз.
„Во оваа громогласна тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот“, изјави Манчевски по проекцијата.
По премиерата се одржал разговор со публиката, воден од селекторката на програмата Рада Шешиќ, на кој покрај Манчевски учествувале директорот на фотографија Иван Ивановски и дел од соговорниците во филмот, меѓу кои и преживеани од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Добри луѓе“ е снимен со мала филмска екипа, само еден месец по пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 млади луѓе. Филмот ги носи сведоштвата на преживеаните и на луѓето кои во ноќта на трагедијата се обидувале да спасуваат животи. Официјалната селекција на Сараевскиот филмски фестивал го опишува филмот како воздржана приказна за тагата, преживувањето и човечката поврзаност, со фокус на преживеаните и „тивките херои“.
Манчевски во Сараево објасни дека намерата била приказните на луѓето кои поминале низ трагедијата да бидат забележани без посредници и без силно авторско наметнување. „Данас“ пренесува дека режисерот сакал камерата и режијата да останат во заднина, а во центарот да бидат луѓето и нивните зборови.
И „Синеуропа“ претходно го истакна минималистичкиот пристап на филмот, наведувајќи дека сведоштвата на преживеаните и спасувачите се претвораат во интимни исповеди што отвораат пошироки прашања за доброто и злото, животот и смртта.
Филмот привлече внимание и во повеќе меѓународни и регионални медиуми. Во соопштението се наведуваат „Варајати“, „Синеуропа“, „Данас“, „Курир“, „Блиц“, „Нова“ и италијански „ProgettoItaliaNews“. Дел од тие објави се достапни и онлајн, меѓу нив извештаите и интервјуата во „Данас“, „Синеуропа“, „Блиц“ и „Нова“.
Во интервју за „Данас“, Манчевски ја објаснува и идејата зад насловот на филмот.
„Ниту една трагедија не е локална. Болката, гневот и тагата се универзални. Ме интересира добрината на луѓето. Колку сум постар, сè ми е појасно дека хероите не се војсководци, туку добрите луѓе“, вели тој.
„Добри луѓе“ е реализиран со приватни средства преку „Банана филм“, без финансиско учество на Агенцијата за филм и со поддршка на „Сапорт Кочани“. Според соопштението, Манчевски, продуцентите и дистрибутерите се откажале од добивката, а целиот приход од филмот е наменет за жртвите од трагедијата во Кочани.
По светската премиера во Сараево, следното најавено прикажување на „Добри луѓе“ е на 23 август на фестивалот „Македокс“ во Скопје.




