Јаневска: Образованието е клучно за сообраќајната култура, неопходни се побезбедни зони околу училиштата

Образованието е еден од најмоќните превентивни механизми за создавање сообраќајна култура и долгорочно унапредување на безбедноста, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната промоција на новата Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030, соопштија од Министерството.
Иако темите за безбедност се веќе интегрирани во воспитно-образовниот процес преку разни активности и кампањи со МВР и локалната самоуправа, Јаневска предупреди дека податоците за сообраќајните незгоди и ризичното однесување на младите укажуваат на неопходност од уште покоординиран пристап.
Во таа насока, Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието најави дополнително унапредување на образовните содржини. Целта е учениците да стекнат практични знаења, да ги препознаваат ризиците и да развијат навики за одговорно однесување, вклучително и за правилна употреба на заштитната опрема. За успешна едукација, предвидено е и јакнење на компетенциите на наставниот кадар, како и обезбедување современи едукативни материјали.
Министерката силно ја поддржа идејата за зајакнување на безбедносните зони околу училиштата, парковите и центрите на населбите преку партнерство со општините и граѓанскиот сектор. Дополнително, таа ја потенцираше важноста младите да стекнат основни знаења за соодветно постапување и укажување прва помош во првите критични минути по евентуална сообраќајна незгода, во соработка со Црвениот крст и здравствените институции.
На крајот, Јаневска упати апел до училиштата, институциите, семејствата и локалните заедници за заедничко и координирано делување во градењето на трајна култура на безбедност како одговор на ризиците во општеството.


