Јаневска во Јапонија: Договорена поддршка за центри за извонредност и нови партнерства во образованието
Министерката Весна Јаневска во Токио договараше јапонска поддршка за центри за извонредност, заеднички проекти и академски размени меѓу двете земји.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, престојува во работна посета на Јапонија каде оствари серија средби со високи претставници на образовни, научни и државни институции. Целта на посетата е унапредување на билатералната соработка и отворање нови можности за партнерство во областа на образованието и науката.
На средбата со јапонскиот министер за образование, култура, спорт, наука и технологија, Јошихиро Секи, министрите разменија идеи за заеднички иницијативи, при што посебен акцент е ставен на можноста за обезбедување јапонска поддршка за основање центри за извонредност во Македонија.
„Јапонија е долгогодишен стратешки партнер и ви благодарам за досегашната поддршка, како и за можностите за стипендирање македонски студенти на престижни јапонски универзитети. Од особено значење за нас е и поддршката во техничката модернизација на училиштата. Верувам дека дел од денешните идеи наскоро ќе прераснат во конкретни проекти“, истакна Јаневска.
Во фокусот на посетата на Националниот институт за образовни политики беше унапредувањето на квалитетот на наставата и подготовката на учениците за меѓународното ПИСА тестирање, каде Јапонија традиционално бележи исклучителни резултати. Министерката разговараше со генералната директорка Мизуе Шиоми за методолошките пристапи и поттикнувањето на критичкото размислување кај учениците.
На средбата со парламентарната заменик-министеркa за надворешни работи, Икуина Акико, беше потврдено дека Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO) и Агенцијата за меѓународна соработка (JICA) ќе продолжат да развиваат нови можности за соработка.
За време на посетата на Универзитетот во Токио, Јаневска и претседателот на Универзитетот, проф. д-р Теруо Фуџи, разгледаа можности за заедничко учество во програмата „Хоризонт Европа“, размена на кадар и студенти и интензивирање на соработката со македонските универзитети.
Во македонската амбасада во Токио, министерката се сретна со поранешниот јапонски амбасадор во Македонија, Казуја Оцука, со македонски студенти и со јапонски средношколци кои го изучуваат македонскиот јазик.

