
„Ед ми се јави и побара од мене да одвојам два милиони долари за да ја изедначам донацијата за помош во регионот и справување со хуманитарната криза“, изјави милијардерот Роберт Крафт, сопственик на НФЛ-тимот Њу Ингланд Патриотс. Ова доаѓа откако американскиот рапер Меклмор беше отстранет од турнејата на Ширан во САД поради неговите пропалестински коментари дадени од сцената.
Меклмор исфрлен од турнејата на Ед Ширан по пораките „Слободна Палестина“ на концерт
Според соопштението на Крафт пренесено од Си-Ен-Би-Си, Ширан му се јавил пред Меклмор јавно да го предизвика милијардерот да ја изедначи донацијата од еден милион долари што раперот вети дека ќе ја уплати за палестинските хуманитарни организации. Популарниот британски пејач планира да контактира и со други сопственици на стадиони за да ги поттикне на дополнителни донации.
Спорот настана откако Меклмор даде пропалестински изјави за време на настапот на стадионот МетЛајф во Њу Џерси претходно овој месец, по што беше отстранет од преостанатите датуми на турнејата.
View this post on Instagram
Раперот преку Инстаграм откри дека Ширан му пренел оти Крафт нема да му дозволи да настапи на стадионот Жилет, кој е во сопственост на неговата групација. Според Меклмор, Крафт мобилизирал и други сопственици на стадиони кои колективно му поставиле ултиматум на Ширан – или Меклмор ќе ја напушти турнејата, или концертите на тие локации нема да се одржат.
Одговарајќи на критиките, Меклмор напиша дека антисемитизмот е реален, но нагласи дека критиките кон Израел и повиците за „Слободна Палестина“ не треба да се поистоветуваат со омраза кон Евреите.
Како реакција на настаните, сите четири останати предгрупи на Ширан – Финеас, Арон Роу, ирскиот бенд Беога и данскиот состав Лукас Греам, преку Инстаграм објавија дека се повлекуваат од турнејата.
„Уметниците не смеат да бидат замолчени кога зборуваат за угнетените“, порача музичарот Финеас.
Светската турнеја на Ширан започна во Нов Зеланд и Австралија во јануари, додека северноамериканскиот дел треба да трае до 7 ноември.
