ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: Августовската екскурзија на Мицкоски во Брисел е таен план за прифаќање на францускиот предлог

Патувањето на премиерот Христијан Мицкоски во Брисел среде август не е туристичка екскурзија, туку обид „под радарот“ да се прифати францускиот предлог. Со вакво тврдење излезе СДСМ, оценувајќи дека Владата нема никакви резултати на домашен план и сега во тајност го реализира она против кое жестоко се бореше, стравувајќи од реакцијата на сопствените гласачи.

Од партијата посочуваат дека Брисел е центар на европската бирократија каде што се оди исклучиво кога има конкретна работа, а не за летен одмор. Според СДСМ, единствениот начин на кој Владата може да прикаже некаков успех е преку отворање на преговорите со ЕУ.

Преговори во тајност за прикривање на побиените ветувања

Опозицијата го поврзува ова патување со неодамнешната изјава на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој спомена преговори „под радарот“. СДСМ ја обвинува владејачката партија дека на власт дошла со лаги за името, за Преспанскиот договор, за „подобри преговарачки услови“ и за протоколите, а сега нејзините највисоки функционери самите ги побиваат сопствените предизборни тези.

„Сиљановска потврди дека македонскиот јазик, културата и националниот идентитет се заштитени. Муцунски рече дека НАТО е феноменална работа и јавно кажа дека протоколите не се дел од преговарачката рамка. Самиот Мицкоски го нарече Преспанскиот договор ремек-дело на дипломатијата. Сѐ што ветуваа во кампањата падна во вода. Сега мораат да го прифатат она против што се бореа“, се наведува во реакцијата од Бихаќка.

Опозициската партија заклучува дека претставниците на власта не знаат како да им ја објаснат новата реалност на своите гласачи, поради што се одлучиле на „таен план“ среде лето. Според СДСМ, овие чекори се целосна потврда на нивната сопствена државотворна политика и директен доказ за манипулациите со кои актуелната власт ја добила довербата на граѓаните.

Поврзани вести

Back to top button