ВЕСТИРЕПУБЛИКАСЦЕНАТРЕНД

Евергрин вечер со Дац и Александар, фолклор и кино на отворено ја одбележаа петтата ноќ од Карпошовото културно лето

Петтата вечер од Карпошовото културно лето помина во знакот на музичката изведба на дуото Дац и Александар, кои приредија одлична забава на платото кај „Млечен“. Пред голем број граѓани, тие ги изведоа своите авторски рефрени, како и добро познатите преработки на стари хитови.

Вистинско изненадување на вечерта беа музичките ѕвезди од деведесеттите, сестрите Маријана и Росана. Освен што ги испеаја своите најголеми хитови враќајќи ги карпошани во едни убави времиња, тие заедно со домаќините ја изведоа и нивната заедничка песна „Засекогаш млади“.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој истакна дека оваа манифестација е одлична можност за дружење и спој на различни генерации.

„Оваа традиционална културно-уметничка манифестација ја искористивме повторно да се сретнеме со соседите и пријателите, да се забавуваме и споделуваме позитивна енергија. Ви посакувам убава пријатна вечер, и ве поканувам да присуствувате на сите преостанати вечери до крајот на Карпошовото културно лето, кои ќе бидат исполнети со музика за сечиј вкус и сите генерации“, порача Лукровски.

Паралелно со музичкиот настан, љубителите на традицијата можеа да уживаат во 47-мото издание на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал „Фестивал на солидарноста“, во организација на АКУД „Мирче Ацев – Скопје“. На фестивалот, кој трае до 27 август, учествуваат домашни групи, како и ансамбли од Мексико, Унгарија, Романија, Полска и Турција. Програмата опфаќа три целовечерни концерти на отворено, семинари за презентација на народни носии и инструменти, како и практично изучување на традиционални ора и игри.

Културната понуда беше заокружена во дворот на основното училиште „Петар Поп Арсов“, каде во рамките на киното на отворено беше прикажан документарниот филм „Медена земја“. Филмските проекции ќе продолжат секоја вечер од 20:00 часот, заклучно со 27 август.

Back to top button