ВЕСТИХРОНИКА

Кривични пријави за поранешен директор и вработени во Тутунскиот комбинат – Прилеп

Полицијата поднесе кривични пријави против три физички и едно правно лице поради основано сомнение дека преку незаконска продажба на отпадно железо го оштетиле буџетот на АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп за повеќе од 3,3 милиони денари, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

СВР Битола информира дека кривични пријави се поднесени против 59-годишниот Љ.Б., поранешен координатор за обезбедување во комбинатот, 60-годишниот К.С., поранешен генерален извршен директор, како и 41-годишниот Ј.Д., сопственик на фирма за откуп на отпад од прилепското село Мало Коњари, која исто така е опфатена со пријавата. Според полицискиот извештај, во првото тримесечие на 2022 година, тогашниот директор К.С., спротивно на интерните прописи, усно му дозволил на координаторот Љ.Б. да ја спроведе продажбата на отпадни материјали наместо овластениот референт.

Како што појаснуваат од МВР, во текот на февруари 2022 година, Љ.Б. со помош на сопственикот на фирмата за отпад прикриле најмалку 185 тони отпадно железо од работната единица во Мажучиште. Наместо продажбата да се евидентира на сметката на Тутунскиот комбинат, железото било откупено од фирмата по повисока цена, а за исплатата биле изготвени фиктивни откупни белешки на име на осум физички лица, кои биле блиски до првопријавениот.

Од полицијата додаваат дека паричните средства биле префрлени на нивните приватни трансакциски сметки, по што лицата ги подигнувале парите во готово и му ги предавале на Љ.Б. На овој начин, според надлежните институции, на приватните сметки незаконски биле префрлени 3.338.328 денари, за колку што е оштетен комбинатот, додека на официјалната сметка на АД Тутунски комбинат биле уплатени само 1.274.560 денари.

Back to top button