Герила акција во Битола: „Паметна канта што зборува“ ги едуцира граѓаните за почиста животна средина

Во рамките на активностите за подигање на јавната свест за заштита на животната средина, Здружението за меѓународна младинска соработка ИНТЕРАКТИВ – Битола реализираше несекојдневна герила акција на градското шеталиште со поставување на паметна канта за отпадоци што зборува.
Преку интерактивни пораки и директна комуникација со минувачите, паметната канта ги поттикнуваше граѓаните правилно да го одлагаат отпадот и да размислат за сопствената улога во одржувањето на чиста и здрава животна средина. Од здружението велат дека акцијата предизвикала голем интерес кај битолчани од сите возрасти, кои со љубопитност ја следеле необичната инсталација и активно се вклучувале во нејзината едукативна порака.
Поддршка на локалните мерки за позелен град
Целта на оваа герила акција е да се поттикне поголема јавна свест за одговорното управување со отпадот, да се охрабрат позитивни еколошки навики и да се истакне важноста на секој поединец во создавањето почиста и позелена Битола.
Активноста директно се надоврзува на мерките предвидени во Програмата за животна средина на Општина Битола за 2026 година. Во оваа програма се предвидени значајни инвестиции, меѓу кои изработка на Стратегија за развој на зеленило со буџет од 1,5 милиони денари, како и 3 милиони денари наменети за поставување подземни садови за комунален отпад.
Герила акцијата е реализирана во рамките на швајцарскиот проект „Програма за поддршка на изборите“, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).






