
Култниот битолски состав „Фолтин“ со емотивна и силна порака до публиката најави голем јубилеен концерт со кој ќе одбележи 30 години постоење на музичката сцена, соопштија членовите на групата преку нивната официјална фејсбук-страница.
Како што информираат од бендот, празничниот концерт е закажан за 29 август 2026 година во античкиот театар Хераклеа во Битола со почеток во 20:00 часот, враќајќи се токму на местото каде што пред три децении започна нивната концертна приказна. За визуелниот идентитет и плакатот на овој јубилеен настан е задолжен познатиот дизајнер Зоран Кардула, кој создаде посебно уметничко дело за фестивалот.

„Малку контролиран хаос што триесет години одбива да стане механизам“
Во својата објава до верната публика, „Фолтин“ се осврнаа на изминатиот тридецениски пат исполнет со специфичен уметнички израз, експериментирање и автентичност.
„Триесет години не одиме по права линија, одиме по макадам и по пат што самите си го измислуваме додека чекориме. Зад нас останаа градови, концерти, љубови, театарски сцени, ноќи без сон и утра што почнуваат со прашањето: ‘А да пробаме поинаку?’. Ние сме мал, контролирано неконтролиран хаос што триесет години одбива да се претвори во механизам. На 29 август во Хераклеа не ве каниме на ретроспектива, туку да провериме дали пулсот уште чука – а чука гласно, нерамномерно, лудо и убаво“, соопштуваат од групата Фолтин.
Влезниците за овој јубилеен музички спектакл се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на „МК Тикетс“.
Редакција Брц










