ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Глутница од шест волци забележана меѓу Мало Коњари и Кадино Село, кај Прилеп [ВИДЕО]

Жителите на прилепското село Мало Коњари се повикани на максимална претпазливост, особено кога станува збор за безбедноста на децата и младинците, откако во атарот на населеното место е забележана глутница волци. Апелот за внимателност доаѓа по пријавите од локални земјоделци кои ги снимиле дивите животни, информираат од Месната заедница Мало Коњари.

Според известувањето, глутница составена од шест волци е забележана на потегот меѓу Мало Коњари и соседното Кадино Село. Животните биле видени во раните утрински часови како се движат низ нивите засадени со земјоделски култури, односно низ површините со тутун и пиперки. За присуството на волците сведочи и видео снимка направена од тутунари во неделата.

Поради ова, локалната месна заедница упати сериозно предупредување до родителите да внимаваат на движењето на своите деца. Посебен апел е упатен за младите кои често во вечерните часови користат тротинети и велосипеди по овој пат, како и кон локалниот кафе-бар на аеродромот. Се бара од родителите да ги предупредат децата да не се движат со небезбедни превозни средства надвор од населеното место во текот на ноќта со цел да се избегнат несакани и опасни ситуации.

Back to top button