Град Скопје набавува 3.300 нови контејнери за смет

Град Скопје потпиша договор за набавка на 3.300 нови контејнери за смет, што претставува една од најголемите набавки од овој тип во изминатите години, соопштија денеска од градската администрација. Според локалната самоуправа, целта на оваа инвестиција е унапредување на системот за собирање отпад, поефикасно празнење, намалување на сметот околу контејнерите и обезбедување почисти населби во главниот град.
Според информациите од Град Скопје, новите контејнери се набавени по цена од 9.600 денари за парче, потег што градските власти го оценуваат како значително поекономично искористување на јавните средства во услови на глобални ценовни движења. За споредба, од Градот тврдат дека при претходните набавки ваквите контејнери биле плаќани по цена од над 18.000 денари за парче.
Од градската управа истакнуваат дека во изминатите 12 години биле набавени вкупно околу 1.300 контејнери, посочувајќи дека таа бројка не ги задоволувала потребите на Скопје и директно резултирала со преполни и оштетени садови за смет, како и нарушување на комуналната слика низ населбите. Со актуелната набавка, градските власти очекуваат значително да се зголеми расположливиот капацитет и да се подобрат условите за работа на теренските екипи на ЈП „Комунална хигиена“.
Оваа набавка, како што се наведува во соопштението, е дел од пошироките активности за модернизација и подобрување на работата на ЈП „Комунална хигиена“, што следува по неодамнешната набавка на нови специјализирани возила. Од Град Скопје порачуваат дека чекор по чекор се создава поефикасен систем, а нивниот фокус останува на решавање на наталожените проблеми, подобрување на комуналните услуги и одговорно управување со парите на граѓаните.


