Интерактивната игра со проширена реалност „Escape Fake“, која ги учи младите како да препознаваат лажни вести, манипулирани фотографии и дезинформации, сега е достапна и на македонски и албански јазик. Играта е бесплатна за мобилни телефони и таблети, а е преведена и на осум други европски јазици, соопштија од Јуроп хаус (Europe House).
Развиена со поддршка на европската програма „Креативна Европа“, играта нуди интерактивно искуство преку кое играчите истражуваат сомнителни информации и решаваат загатки. Водена од Хана, етички хакер и историчар, играта се состои од две мисии: „Музеј на дезинформации“, каде се откриваат историски фалсификати и „дипфејк“ (deepfake) содржини, и „Ситуација во автобусот“, каде играчите истражуваат вирална лажна приказна и учат да препознаваат фишинг и дигитални манипулации.
Како дел од Деновите на медиумска писменост 2026, од 26 до 30 октомври Јуроп хаус организира интерактивни работилници за средношколци, на кои учениците имаат можност да ја испробаат играта. Во рамките на овие работилници, младите учествуваат во дискусии и вежби со цел искуството од играта да го поврзат со секојдневните ситуации на социјалните мрежи.
Целта на иницијативата на Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија е да ги охрабрат младите да ги преиспитуваат информациите на интернет, да проверуваат извори и да покажат дека учењето за медиумската писменост може да биде интересно и интерактивно. Сите заинтересирани можат бесплатно да ја преземат апликацијата преку веб-страницата на Јуроп хаус.
