
Грчките вооружени сили започнаа со префрлање на една ракетна батерија од системот „Патриот“ од островот Карпатос кон Крит, со цел да ја зајакнат противвоздушната одбрана околу стратешки важната база во Суда. За преместувањето денеска известија грчката државна телевизија ЕРТ, „Катимерини“ и повеќе грчки медиуми, кои го поврзуваат потегот со зголемените тензии меѓу Иран, САД и Израел и со проценките за можни ирански закани кон американски воени објекти во Европа.
Според „Катимерини“, батеријата, заедно со персоналот и опремата, била префрлена во текот на ноќта и се очекува да биде распоредена во близина на воената база во Суда, која има особено значење и за грчките и за американските и НАТО операциите во Источниот Медитеран.
ЕРТ наведува дека одлуката е дел од пошироко прегрупирање на силите за противвоздушна одбрана во регионот и дека главната цел е заштита на критичната инфраструктура во Суда, која е ставена во зголемена готовност поради потенцијални закани од Иран.
Преместувањето започнало во раните утрински часови во неделата, кога десантен брод натоварен со елементи од системот „Патриот“ го напуштил пристаништето на Карпатос кон Крит, објави грчкиот портал in.gr.
Одлуката доаѓа неколку дена откако грчките власти почнаа да разгледуваат дополнителни мерки за заштита на Суда. „Катимерини“ уште на 19 август објави дека Министерството за одбрана ја разгледува можноста батеријата од Карпатос да биде префрлена на Крит доколку се процени дека заканата кон базата е зголемена.
Грчките власти засега оценуваат дека директен напад врз самата Грција е малку веројатен, но проценуваат дека американските и сојузничките објекти во регионот може да бидат изложени на поголем ризик доколку дополнително ескалира конфликтот со Иран.
Според „Еуроњуз“, грчкото преместување следува по извештаи дека Техеран би можел да разгледа ракетни напади врз американски цели во Европа доколку Вашингтон го засили воениот притисок врз Иран, особено во контекст на тензиите околу Ормутскиот Теснец.
Системот „Патриот“ на Карпатос беше распореден во март како дел од зајакнувањето на грчката противракетна одбрана. Карпатос, поради својата позиција во југоисточниот Егеј, беше избран како точка од која можеше да се обезбеди дополнителна покриеност на регионот.
Сега, со префрлањето кон Суда, приоритетот очигледно се пренасочува кон заштита на критичната воена инфраструктура на Крит. Базата во Суда е еден од најважните логистички и оперативни центри на НАТО во Источниот Медитеран и редовно ја користат американските вооружени сили.
Атина паралелно ги разгледува и другите елементи од својата воздушна одбрана. Грчките медиуми јавуваат дека се анализира и иднината на батеријата „Патриот“ што Грција ја има распоредено во Саудиска Арабија од 2021 година, вклучително и можноста таа да биде вратена во земјата.
Преместувањето од Карпатос на Крит затоа не се толкува како изолиран потег, туку како дел од поширока реорганизација на грчката противвоздушна одбрана во услови на нова безбедносна нестабилност во Источниот Медитеран и Блискиот Исток.









