БАЛКАНВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛС
Во тренд

Актери со попреченост во Грција ја оживуваат болката од војната додека светот ја гледа нолановата „Одисеја“ [ФОТО]

ЕПИДАУР – Додека филмот „Одисеја“ на Кристофер Нолан ја обновува глобалната фасцинација од Хомер, актерска екипа составена од изведувачи со и без попреченост во Грција ја постави другата приказна за војната. Претставата „Тројанки“, со актерска екипа од 22 члена, беше изведена во Епидаур, античката камена арена на отворено во јужна Грција, што организаторите го означија како прва целосно пристапна изведба во 2.300-годишната историја на овој антички театар, објави новинската агенција АП (AP).

За разлика од Хомер кој ги следеше воините што пловат дома од Троја, драматургот Еврипид, пишувајќи околу три века подоцна, се осврна кон урнатините на градот и неговите жени, принудени на прогонство и ропство, прикажувајќи го страдањето што го оставиле зад себе наместо триумфот на хероите.

Античкиот театар понуди целосен опсег на услуги за пристапност за изведбата одржана на 2 август. Слепите членови на публиката добија програми на Брајово писмо, тактилни модели и аудио опис во живо, додека гледачите со оштетен слух ги следеа натписите поставени над сцената, а беа направени и физички адаптации кои го подобрија пристапот низ целиот локалитет. Националниот театар на Грција ја продуцираше претставата, додека услугите за пристапност беа дизајнирани од непрофитната организација Лиминал (Liminal) со финансиска поддршка од грчката Алфа банка (Alpha Bank).

За многумина од изведувачите, самото стоење на античката сцена беше дел од пораката и глас за оние кои често се занемарени.

Педесет и осумгодишната актерка Еирини Курувани, која користи инвалидска количка и никогаш претходно не стапнала во театарот, истакна дека се чувствува величествено и како срцето да ѝ се отвора колку што е широк самиот театар.

И публиката го сподели истото чувство, при што слепата психолог Иоана-Марија Герцу, која присуствуваше со своето куче водич Бабу, нагласи дека сите имаат право да следат претстави на рамноправна основа.

Освојувачот на златен параолимписки медал, Грег Полихронидис, го нарече настанот прослава на еднаквоста што треба да послужи како пример за сите.

Уметничкиот директор на Националниот театар, Аргиро Хиоти, заклучи дека ваквата продукција треба да стане норма, нагласувајќи дека иако барала месеци планирање, специфична организациска експертиза и финансии, тоа е стандардот што мора да се достигне на големите сцени и во големите театри.

Фото: PETROS GIANNAKOURIS

Back to top button