ВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛС
Во тренд

Од изолација до дигитални вештини: Приказната на 16-годишната Фиона од Шкодра покажува што значи вистинска инклузија

Девојка со попреченост од Албанија, која го прекинала образованието по деветто одделение, со поддршка од локални организации се вклучила во обука за компјутерски вештини и основно програмирање.

Шеснаесетгодишната Фиона од албанскиот град Шкодра, која живеела повлечено и се соочувала со дискриминација поради попреченоста и припадноста на египетската заедница, почнала да гради нови можности за својата иднина преку програма за дигитални вештини, објави УНИЦЕФ Албанија.

Фиона го прекинала образованието по завршувањето на деветто одделение, а постоел ризик да остане исклучена и од можностите за понатамошно образование и професионална обука. Според УНИЦЕФ, пред вклучувањето во програмата таа била срамежлива, имала ниска самодоверба и поголемиот дел од времето го поминувала дома.

Нејзиниот случај бил откриен при посети на семејства од страна на Центарот на заедницата број 4 во Шкодра. По разговори и советувања со семејството, организацијата YWCA Шкодра помогнала да се создадат услови Фиона да се вклучи во програмата „Гаранција за млади“.

Таа била запишана на професионална обука за дигитални вештини, во група со девојки од египетската заедница и други млади луѓе од локалната средина.

Резултатите, според УНИЦЕФ, се забележителни. Фиона научила да користи компјутери, стекнала основни знаења од програмирање и воспоставила пријателства со своите врсници. Од девојка која избегнувала контакт со очите и зборувала тивко, таа станала активна учесничка во обуката.

УНИЦЕФ посочува дека поддршката приспособена на индивидуалните потреби и инклузивната средина се особено важни за младите кои се соочуваат со повеќе форми на исклученост.

Приказната на Фиона е дел од програмата ЕУ4Јут (EU4Youth), финансирана од Европската Унија, а спроведувана од УНДП и УНИЦЕФ во Албанија, во соработка со националните агенции за вработување, вештини и млади.

Редакција Брц

Back to top button