
Од 12 до 14 ноември во просториите на Македонскиот културен центар (КИЦ) во Тирана ќе се одржи литературната манифестација „Денови на македонската литература во Албанија“, во организација на издавачката куќа „Едука Мак“.
Свеченото отворање на манифестацијата е закажано за 12 ноември во 18 часот. Според најавите, пред присутните свои поздравни обраќања ќе имаат програмската уредничка на проектот, Ели Маказлиева, како и директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода. Низ книжевното дружење ќе модерира Верица Мукоска, лекторка по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во албанскиот главен град.
Во рамките на тридневната програма ќе бидат промовирани книги за деца, детски списанија и сликовници, а ќе се претстават и домашни автори на литература за најмладите. Предвидено е да биде врачена и плакетата на добитникот на наградата „Литературни пишували – патувалки 2026“, кој е избран на конкурсот за необјавена книга/сликовница за деца од страна на жири-комисијата на „Едука Мак“.
Издавачката куќа најавува дека нивните писатели ќе одржат и креативна работилница за деца во градинката при „Albanian College Tirana 2 – ACT2“, каде што на најмладите ќе им бидат подарени книги.
За време на престојот во Тирана, „Едука Мак“ ќе потпише меморандум за соработка со албанска издавачка куќа за развивање заеднички двојазични изданија од македонски и албански автори. Дополнително, ќе бидат донирани 100 книги за КИЦ Тирана, а предвидена е и средба со Елена Симонофски, претставничка на Здружението на Македонците во Албанија „ВМРО-ДПМНЕ, Албанија“. Со неа ќе се потпише меморандум за обезбедување детски книги и списанија за децата од македонското малцинство.
Главната цел на оваа манифестација е промоција на македонската литература за деца, поттикнување на читачките навики и придонес кон зачувување и негување на македонскиот јазик во Албанија.


