
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,88 проценти во однос на претходната одлука од 13 јули 2026 година.
Новите цени, како што соопштија од РКЕ, ќе важат од 21 јули 2026 година од 00:01 часот.
Најголемо поскапување ќе има кај дизелот, чија цена се зголемува за шест денари по литар и од ноќеска на полноќ ќе се продава по 94 денари за литар.
Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за по три денари. Од 21 јули ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 90 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 92 денари за литар.
Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за седум денари и ќе изнесува 93 денари за литар.
Новата цена на мазутот М-1 НС ќе биде 45,373 денари за килограм, што претставува зголемување од 3,205 денари.
Драматичниот скок на цените на горивата на светските берзи повторно го отвори фронтот меѓу власта и опозицијата околу заштитата на животниот стандард на граѓаните. Додека опозицискиот СДСМ алармира за нов силен ценовен шок кој ќе ги повлече цените на сите основни производи, Владата на вчерашната седница донесе одлука за намалување на акцизите на бензинот и дизелот за, како што велат оттаму, да го амортизира најавеното поскапување.
СДСМ: Новиот бран поскапувања ги води граѓаните кон борба за преживување
Во своето соопштение до јавноста, од СДСМ обвинуваат дека секоја најава на премиерот Христијан Мицкоски за стабилизација доведува до нов ценовен удар. Според опозицијата, со последните неколку бранови на поскапувања, дизелот достигна астрономски 94 денари за литар, а мерките на Владата доцнат и се недоволни.
„Ова второ последователно големо поскапување за само една недела ќе значи и нов бран на поскапување на храната, превозот и услугите. Додека народот се прашува како ќе го преживее месецот, Владата нема намера вистински да го заштити животниот стандард. Повторно нема никакви конкретни мерки ниту за работниците, ниту за пензионерите, ниту за социјално ранливите. Минималната потрошувачка кошничка повторно е скоро 70.000 денари, а само за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни над 25.000 денари месечно. Владата системски го уништи стандардот на граѓаните“, реагираат од СДСМ.
Влада: Ги намалуваме акцизите за да ја амортизираме кризата од глобалните берзи
Од друга страна, од Владата соопштија дека донеле Одлука со која се дефинира намалување на акцизите на нафтените деривати, со цел ублажување на негативните ефекти од високиот раст на суровата нафта на светските пазари.
Според официјалните владини пресметки, без оваа директна интервенција, ценовниот скок на бензинските пумпи ќе беше значително подрастичен:
„Со донесената Одлука за намалување на акцизите се овозможува да се амортизира дел од ценовниот раст. Без оваа владина интервенција, согласно нашите пресметки, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу 4 денари по литар, додека со мерката се очекува зголемување од околу 3 денари. Кај дизел-горивото, без донесената одлука цената би скокнала за околу 8 денари по литар, додека со намалената акциза покачувањето ќе се спречи на околу 6 денари по литар. Приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните и зачувувањето на економската стабилност“, соопштуваат од Владата.
Од Владата очекуваат Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соодветно да ја вкалкулира намалената акциза во финалните малопродажни цени, дополнувајќи дека будно ги следат меѓународните берзи и се подготвени за нови превентивни чекори доколку продолжи ценовниот притисок.









