
Платите во државата продолжуваат да растат како резултат на одговорните економски политики и стабилното управување со јавните финансии, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, на денешната прес-конференција.
Повикувајќи се на податоците од Државниот завод за статистика, Јаревски посочи дека во изминатите две години просечната нето-плата бележи раст од околу 9.000 денари, зголемувајќи се од 40.496 на 48.779 денари. Според него, овој раст е потврда дека владините политики даваат конкретни резултати кои се претвораат во повисок животен стандард.
Што се однесува до номиналниот раст, тој информираше дека во 2024 година изнесувал 12,6%, во 2025 година продолжил со 9,6%, додека за тековната година се очекува дополнително зголемување од над 8%.
„Особено значајно е што повторно имаме реален раст на примањата по падот во периодот на власт на СДС. Така, по падот на реалните плати во 2022 година од 2,9%, во 2024 тие пораснаа за 8,8%, а во 2025 за дополнителни 5,3%. Важно е да посочиме дека растот на платите го надминува инфлацискиот притисок и граѓаните имаат поголема куповна моќ“, нагласи Јаревски, додавајќи дека овие резултати се постигнати без мерки што би ја загрозиле конкурентноста на стопанството.
Пратеникот се повика и на најновите податоци на Евростат, според кои вредноста на бруто минималната плата во Македонија во јули 2026 година, мерена според куповната моќ, е највисока во споредба со сите земји од Западен Балкан.
Наспроти, како што ја нарече, хистеријата од опозицијата, Јаревски порача дека сите домашни и странски параметри покажуваат дека граѓаните живеат подобро. Тој заклучи дека Владата останува посветена на политики кои обезбедуваат раст на платите, нови инвестиции и одржлив економски развој.
