ВЕСТИПОЛИТИКА

ДУИ: ВЛЕН станаа вазали на ВМРО-ДПМНЕ за да ги прикријат милионските корупциски скандали

Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати жестока реакција кон владејачката коалиција ВЛЕН, обвинувајќи ги за криминален менталитет, креирање заговори и целосно политичко потчинување кон ВМРО-ДПМНЕ со цел да се спасат од одговорност за корупциски афери.

Како што соопштуваат од опозициската партија, наместо ВЛЕН да ѝ одговори на јавноста за низа финансиски скандали, тие секојдневно произведуваат заговори. ДУИ во своето соопштение директно посочува на штета од над 252 милиони евра од, како што велат, криминални и незаконски градби во Чаир поврзани со Изет Меџити, како и за милиони незаконски одвоени средства за време на неговиот министерски мандат. Во реакцијата се потсетува и на случајот со Бурим Латифи тежок 19 милиони евра, како и на наводни злоупотреби од страна на Недим Рама.

„Единственото што ВЛЕН успева да го реализира е целосното потчинување кон ВМРО-ДПМНЕ, со надеж дека на тој начин ќе ја прикрие корупцијата и ќе добие политичка милост. Но, ќе одговараат! Ја продадовте судбината на Албанците и европската иднина на граѓаните само за власт и фотелји, прифаќајќи да станете слуги и вазали на агенда која ја оддалечува земјата од Европа“, стои во острата реакција на ДУИ.

Во однос на правосудството, од партијата потенцираат дека бараат неселективна правда и независно судство, нагласувајќи дека секое мешање во правдата и политички притисок врз судските постапки се неприфатливи.

Правдата, според ДУИ, не смее да се користи како инструмент за прогон или политички пресметки, туку постапките мора да бидат независни и транспарентни за јавноста да ги види сите докази.

„Вие сте корумпирани, предавници и неспособни. Точка“, заклучуваат од ДУИ на крајот од своето соопштение упатено до политичките ривали од ВЛЕН.

Back to top button