
Скопје се подготвува за петтото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, кое годинава ќе се одржи од 13 до 17 октомври. Театарската магија наменета за деца, млади, но и за возрасни, ќе се одвива на сцените на Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и Драмскиот театар во Скопје, пренесува Трн.
Годинашното издание се реализира под слоганот „Сите сме исти. И јас и ти“, испраќајќи силна порака за еднаквост, прифаќање и пријателство. Фокусот на фестивалот е ставен на заедничките чувства и потреби кои ги поврзуваат најмладите низ целиот свет, без разлика на нивниот изглед, земјата од која доаѓаат или јазикот на кој зборуваат.
„За човечноста нема граници. За пријателството не е потребен превод. А театарот нè потсетува дека, пред сè, сите сме исти. И јас и ти“, е емотивната порака која ја упатуваат организаторите.
Во текот на петте фестивалски дена, скопската публика ќе има можност да ужива во внимателно селектирани претстави од Европа и регионот, создадени во последните години од врвни професионалци во куклениот, детскиот и младинскиот театар. Овие гостувања ќе донесат современи театарски пристапи и најразлични сценски изрази кои ќе ги збогатат културните доживувања на публиката.
Идејното решение за визуелниот идентитет на ова петто издание е дело на авторката Бранкица Јордановска. Организаторите најавуваат дека официјалната програма со точните термини на изведбите ќе ѝ биде достапна на јавноста наскоро.

