Започна првото издание на Интернационалниот фестивал „Чаршија“ во Скопје
Во Скопје официјално започна првото издание на Интернационалниот фестивал на музика „Чаршија“, иницијатива на Општина Чаир која има цел да прерасне во традиционална и значајна културна манифестација за градот, соопштија денеска од Министерството за култура и туризам.
Како што информираат од ресорното министерство, на прес-конференцијата организаторите ги претставија визијата и значењето на фестивалот за културниот живот. На настанот учествуваа министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити, уметничките директорки на фестивалот Инва Мула и Дешира Ахмети Крлиу, претседателката на Комисијата за култура Сарана Имери Стафаи, директорот на фестивалот Авни Ќаили, директорот на Албанскиот театар Исмет Рамадани и директорот на КИЦ Имер Реџепи.
Поддршка за уметниците, богатото наследство и културниот туризам
Од Министерството за култура и туризам пренесуваат дека министерот Седат Сулејмани го поздрави организирањето на фестивалот, истакнувајќи дека ваквите иницијативи ги промовираат уметниците и го поврзуваат богатото наследство на Старата скопска чаршија со современото творештво.
„Како министер за култура и туризам, ќе ја поддржувам секоја иницијатива која ги промовира уметниците, ја збогатува културната понуда и придонесува за развојот на културниот туризам“, изјави министерот Сулејмани.
Дополнително, од министерството соопштуваат дека градоначалникот Изет Меџити посочил оти фестивалот произлегол од уверувањето дека културата е еден од темелите врз кои се гради идентитетот на еден простор. По прес-конференцијата, учесниците ги посетија просториите на Куршумли ан и Сули ан, каде што во текот на четири фестивалски вечери ќе настапат познати уметници од земјава и светот со програма што опфаќа класична музика, опера, фламенко и корчански серенади.










