ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИНТРЕНД

Колосеумот отворен и ноќе: Рим бара спас од летните жештини [ВИДЕО]

Колосеумот во Рим го продолжи вечерното работно време ова лето, овозможувајќи им на посетителите да го разгледуваат славниот антички амфитеатар по зајдисонце, кога температурите се пониски, објави Франс прес. Одлуката доаѓа во период на сè поинтензивни топлотни бранови во италијанската престолнина, поради што дел од туристите почнале да ги избегнуваат најжешките делови од денот.

Вечерните тури, кои претходно се организираа двапати неделно, летово се проширени на четири вечери – вторник, четврток, петок и сабота. Според официјалната програма на Археолошкиот парк на Колосеумот, посетите во август се организираат од 20 часот до доцна навечер и траат околу еден час.

Интересот е голем, а вечерните тури се распродадени. Бројот на посетители е ограничен на околу 275 лица во една вечер, што е значително помалку од дневната посетеност на Колосеумот, која во најпрометните периоди може да достигне до 20.000 луѓе.

Посетителите во вечерните часови можат да поминат низ арената и подземните простории во кои некогаш биле чувани гладијаторите и животните пред да излезат пред публиката. Организаторите велат дека помалите групи и осветлениот амфитеатар создаваат сосема поинакво искуство од дневните посети.

„По зајдисонце е многу поудобно“, изјави за AFP 52-годишниот Виктор Ли, кој го посетил Колосеумот во вечерните часови. Други туристи ја опишале атмосферата како „магична“ и „романтична“, особено поради осветлените антички ѕидини и значително попријатните температури.

Директорот на Археолошкиот парк на Колосеумот, Симоне Киличи, објасни дека проширувањето на вечерните термини првенствено има цел да им овозможи пристап на посетителите кои сакаат да ги избегнат најтоплите часови. Тој посочи дека програмата е овозможена со финансиска поддршка од италијанското Министерство за култура и дека би можела да продолжи и во септември.

Италијанските власти паралелно воведоа поширока програма за продолжено вечерно работно време на големите културни знаменитости. Во текот на август Колосеумот дополнително останува отворен во петок и сабота до 23:30 часот, а подолги вечерни термини имаат и Пантеонот во Рим и замокот Сфорца во Милано. Министерството за култура наведува дека една од целите е посетителите да се распределат во часови со пониски температури.

Колосеумот, изграден во првиот век од нашата ера, е најголемиот антички амфитеатар во светот. Во времето на Римската Империја можел да прими околу 50.000 гледачи на гладијаторски борби, лов на диви животни и други јавни спектакли.

Ј. Ѓ.

Back to top button