ВЕСТИМАГАЗИНТРЕНД

Бакингемската палата демантира за наводите од братот на принцезата Дијана

Бакингемската палата излезе со редок и невообичаено остар демант по тврдењата на братот на покојната принцеза Дијана, Чарлс Спенсер, дека тогашниот принц Чарлс изјавил оти неговата прва сопруга многу брзо ќе биде заборавена по нејзината смрт. Овие обвинувања се дел од мемоарите на Спенсер кои наскоро треба да бидат објавени, а кои веќе предизвикаа бура во британската јавност.

Во извадокот од книгата насловена „Лебедова песна: Дијана, мојата сестра“, Спенсер опишува жестока расправија со сегашниот крал во деновите по фаталната сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година. Спорот наводно настанал околу тоа дали младите принцови Вилијам и Хари, кои тогаш имаа 15 и 12 години, треба да чекорат зад ковчегот на нивната мајка за време на погребната поворка низ Лондон. Спенсер тврди дека Чарлс преку телефон истурил гнев и презир, порачувајќи му: „Биди спокоен, ќе ја заборавиме доволно брзо“.

Како одговор на овие тешки обвинувања, кралското семејство преку официјално соопштение сугерираше дека тагата веројатно влијаела врз сеќавањето на Спенсер. Палатата порача дека иако од принцип не коментираат книги, Неговото Височество е свесно дека болката од братската тага може да го замати разумот, да влијае на расудувањето и да ги обои сеќавањата на начини кои другите не ги препознаваат, дури и многу години по таква загуба.

Овој потег е невообичаен за палатата, која главно избегнува јавни конфронтации. Кралското семејство најчесто останува немо на провокациите, како што беше случајот со мемоарите на принцот Хари, или реагира со внимателно одбрани зборови, налик на познатата изјава на покојната кралица Елизабета Втора дека „сеќавањата може да варираат“.

Back to top button