Велика Британија најави автоматско помилување за жените кривично гонети за абортус
Владата соопшти дека жените осудени за илегално прекинување на бременоста според законот од викторијанската ера ќе бидат помилувани, а нивните досиеја исчистени. Ова доаѓа по историската одлука за декриминализација на абортусот изгласана минатата година.
Владата на Велика Британија соопшти дека жените кои во минатото биле осудени за илегално прекинување на бременоста според закон од викторијанската ера, в понеделник автоматски ќе бидат помилувани. Овој потег следува откако британскиот Парламент минатата година изгласа историска одлука за декриминализација на абортусот, укинувајќи член од Законот за прекршоци против личноста од 1861 година.
Жените кои добиле полициска опомена исто така ќе бидат помилувани, додека оние кои биле апсени или биле под истрага за прекинување на сопствената бременост ќе добијат бришење на тие детали од нивните кривични досиеја. Процесот ќе се одвива автоматски, без потреба од поднесување барање, а дел од помилувањата ќе бидат доделени и постхумно.
Хајди Стјуарт, извршна директорка на Британската советодавна служба за бременост, истакна дека жените предолго се соочувале со разорни последици од застарените закони и дека овој чекор претставува значаен пат кон правдата. Пратеничката од Лабуристичката партија, Тонија Антонијаци, која го предложи амандманот за декриминализација, откри дека во петте години пред ланското гласање, полицијата истражувала над 100 жени за илегален абортус, вклучително и жени кои претрпеле природен спонтан абортус или родиле мртво дете. Таа опиша како во минатото жени биле „влечени од болничките кревети во полициски ќелии“ и испрашувани во моменти кога им била потребна медицинска нега.
Промената на законот дојде по неколку контроверзни судски процеси, меѓу кои и случајот со Карла Фостер, која во 2023 година беше осудена на над две години затвор поради медицински предизвикан абортус во осмиот месец од бременоста. Апелациониот суд ја ослободи еден месец подоцна, порачувајќи дека случајот бара „сочувство, а не казна“. Според новиот Закон за криминал и полиција кој стапи на сила пролетва, жените кои ќе прекинат бременост во која било фаза повеќе нема да се соочуваат со кривични пријави, иако лекарите можат легално да вршат абортуси до 24-тата недела.





