ВЕСТИЕУИМПУЛССВЕТ

Новиот курс на Барнам: Велика Британија ја отвара вратата за повторно зачленување во ЕУ

Новата британска влада предводена од премиерот Енди Барнам (Andy Burnham) отвора простор за значителен пресврт во односите со Брисел, а прашањето за потенцијалното повторно зачленување на Обединетото Кралство во Европската Унија повторно се актуелизира, пишува британски „Индепендент“ (The Independent).

Новоименуваниот министер за европски прашања, Хамиш Фалконер, за време на гостувањето на „Скај Њуз“ (Sky News) не ја исклучи можноста заложбата за враќање во ЕУ да се најде како дел од следната изборна програма.

„Светот се промени – сакам да направам повеќе“

Фалконер, кој доаѓа од дипломатските редови, истакна дека светот е променет и дека британската влада планира похрабар пристап од претходните црвени линии кои категорично го исклучуваа враќањето на единствениот пазар и царинската унија. Меѓу приоритетите се подобрување на условите за увоз на храна и пијалаци, граничната контрола, соработката во енергетскиот сектор, поголема одбранбена интеграција, како и долгоочекуваниот договор за мобилност на младите.

Иако брзо враќање во Унијата не е остварливо во овој момент, Фалконер ја остави отворена вратата за таква можност за следната изборна кампања. Самиот премиер Барнам уште минатиот септември изјави дека негова желба е Велика Британија повторно да стане дел од Европската Унија.

Променета демографија и економски загуби

Според анализата на „Индепендент“, демографските промени и анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството од британските граѓани денес поддржуваат враќање во ЕУ.

Дополнителен притисок врз владата прават и економските показатели. Според податоците што ги изнесе поранешниот премиер Сер Џон Мејџор, Брегзит ја чини британската економија околу 100 милијарди фунти годишно во изгубена трговија и над 40 милијарди фунти во помалку собрани даночни приходи, што го прави понатамошниот престој надвор од европскиот блок сè поскап за Британија.

Редакција Брц

Поврзани вести

Back to top button