
Европската комисија сака да осигури дека нема да се повтори случајот со Виктор Орбан меѓу следната генерација земји-членки на ЕУ, поставувајќи планови за проширувањето на блокот кон источна Европа во следните неколку години, пренесува британски „Гардијан“.
Во интервју за европските весници, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ги претстави предлозите за специјални заштитни механизми со кои блокот би се бранел од лидери кои не ги почитуваат демократските вредности и го блокираат носењето одлуки. Таа истакна дека се потребни побрзи механизми од членот 7 доколку новите членки одат против владеењето на правото, демократијата или европските вредности. Според објавените планови, секоја нова земја-членка ќе се соочи со 15-годишен пробен период, во кој може да ѝ бидат одземени правата на глас или европските фондови поради прекршување на основните демократски вредности или лојалноста кон ЕУ.
Членот 7 од договорот на ЕУ, кој дозволува одземање на правото на глас за сериозно и континуирано прекршување на вредностите, никогаш не беше активиран бидејќи Унгарија и Полска, под претходните влади, го користеа своето право на вето за да се штитат меѓусебно. Според новите предлози, кои треба да бидат одобрени од земјите-членки, прагот за суспендирање на правото на глас или изрекување друга казна ќе биде понизок. Сепак, Кос нагласи дека овој заштитен механизам ќе биде временски ограничен, бидејќи во спротивно би се создала ситуација на членки од прва и втора класа.
Повикот за построги заштитни мерки доаѓа во време на нов моментум за проширувањето, при што Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина се идентификувани како фаворити по целосната руска инвазија во 2022 година. Кос посочи дека проширувањето е стратешки интерес и предупреди дека надворешни нарушувачки сили, како Русија и Кина, се обидуваат да ги придобијат кандидатите. Како пример таа наведе дека Русија инвестирала милиони за да ги одврати Молдавија и Ерменија од европскиот пат, додека Кина го користи своето економско влијание како инвеститор.
Следната недела официјалните претставници на ЕУ се надеваат дека ќе отворат преговори со Украина и Молдавија за два кластери поврзани со внатрешниот пазар и конкурентноста. Кос истовремено потврди дека украинските земјоделци нема да добиваат субвенции од ЕУ додека се соочуваат со ограничувања на европскиот пазар. Лидерите на ЕУ следната недела ќе разговараат и за институционални промени за да се избегне блокада во потенцијална Унија од 35 членки, при што владите ќе бидат повикани да се откажат од правото на вето за прашања како оданочување и санкции, како и да прифатат дека нема секогаш да имаат свој еврокомесар во Брисел.
