Национален форум по повод Светскиот ден на дијабетесот: Од приоритети до конкретни решенија
Сојузот на здруженија на дијабетичари (СЗДМ) на 14 ноември организира Национален форум посветен на предизвиците и современата терапија за лицата со дијабетес.

По повод одбележувањето на 14 ноември – Светскиот ден на дијабетесот, Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) оваа сабота ќе одржи Национален форум насловен „Дијабетесот во Македонија – од приоритети до конкретни решенија“. Настанот ќе започне во 11:00 часот во просториите на „InnoX Center“ во Скопје.
Форумот, кој се одржува под мотото „Рано дејствување за дијабетесот“ (Early Action on Diabetes), има за цел да отвори конструктивен дијалог меѓу надлежните институции, здравствените професионалци и пациентските организации. Главната фокус-точка е утврдување на приоритетите и дефинирање решенија за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со дијабетес во државата.
Како што најавуваат од СЗДМ, посебен акцент на дебатата ќе биде ставен на континуитетот и достапноста на современата терапија и медицинските помагала, подобрувањето на пристапот до специјалистички прегледи, навремената дијагностика и превенцијата на дијабетесните компликации, како и на унапредувањето на здравствената едукација.
Свои воведни обраќања на форумот ќе имаат министерот за здравство, Сашо Клековски, директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија и претседател на Националната комисија за дијабетес, проф. д-р Ирфан Ахмети, и претседателот на СЗДМ, Димче Велев.
„Нашата порака е јасна: потребите на лицата со дијабетес мора да бидат појдовна точка за секоја одлука, а институционалната одговорност мора да се потврдува со конкретни резултати. Од приоритети кон решенија и од дијалог кон постапување“, порачуваат од Сојузот.
По завршувањето на форумот, заклучоците и предлозите ќе бидат систематизирани во официјален документ кој ќе биде доставен до надлежните институции за понатамошно институционално постапување.



