ВЕСТИПОЛИТИКА

Младеновска: Хируршките сали во Клиничкиот центар не работат, власта го колабираше здравството

Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, упати остри обвинувања до владејачката структура, тврдејќи дека во ек на летната сезона хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје се надвор од функција поради дефект на системот. Според опозицијата, ваквата состојба директно го загрозува здравјето на граѓаните бидејќи масовно се откажуваат однапред закажаните операции и интервенциите кои се проценети како неитни, се наведува во соопштението од изјавата на СДСМ.

Од опозициската партија појаснуваат дека дефектот предизвикал целосен застој на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Од СДСМ алармираат дека Министерството за здравство покажува тотална неспособност и негрижа за обезбедување на елементарни услови за работа, со што се доведува во прашање безбедноста на пациентите и се отвора ризик од сериозни здравствени компликации поради принудното чекање.

Празен буџет и пренасочување на средствата во партиски тендери

Според партискиот став, финансискиот колапс во државната каса е главната причина за нефункционалноста на клучните државни апарати.

„На Владата на ВМРО поважно ѝ е да има пари за партиски тендери, отколку за функционален и одржлив здравствен систем. Во буџетот нема пари. На средина од годината дефицитот е целосно истрошен, а државата ја задолжија со нови 2,5 милијарди евра. Ништо од тие пари не е за мерки за граѓаните, за плати и пензии, ниту пак за инвестиции во здравството“, изјави Рената Младеновска.

На крајот од своето обраќање, претставничката на опозицијата потенцираше дека пациентите во државата не смеат да бидат жртва на лошо менаџирање и неодговорно управување со јавните установи. СДСМ упати итно барање до надлежните институции за неодложно санирање на техничкиот дефект и итно оспособување на сите хируршки сали за тековни потреби на граѓаните.

Back to top button