
Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг денеска ги прогласија за виновни за воени злосторства четворицата поранешни високи лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Тачи и Красниќи се осудени на по 25 години затвор, Весели на 18, а Селими на 13 години. Станува збор за првостепени пресуди на кои страните имаат право на жалба.
Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи е осуден на 25 години затвор за воени злосторства. Иста казна доби и Јакуп Красниќи, поранешен претседател на косовското Собрание, кој е прогласен за виновен за противправно или произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и противправно убиство.
Поранешниот претседател на Собранието Кадри Весели е осуден на 18 години затвор за воени злосторства, меѓу кои противправно или произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и противправно убиство. Поранешниот командант и пратеник Реџеп Селими доби казна од 13 години затвор, откако беше прогласен за виновен за сурово постапување, тортура и противправно убиство.
Истовремено, судскиот совет утврди дека обвинителството не успеало да докаже постоење на широко распространет напад врз цивилното население, што е еден од неопходните услови за квалификацијата злосторства против човештвото. Поради тоа четворицата не се прогласени за виновни по обвиненијата за злосторства против човештвото.
Во образложението на пресудата, судскиот совет наведе дека било докажано противправно апсење на најмалку 385 лица. Судот опиша и тешки случаи на физичко и психичко малтретирање на затвореници. Според претседавачот на советот, судијата Чарлс Смит, дел од жртвите и денес имаат долгорочни последици од злоставувањето.
Според извештајот на Асошиејтед прес, предметот опфаќа повеќе од 800 жртви, а четворицата се прогласени за виновни за воени злосторства поврзани со убиства, тортура, сурово постапување и противправно притворање. Судот нагласил дека процесот не претставува судење на легитимноста на ОВК или на независноста на Косово, туку се однесува на индивидуалната кривична одговорност на обвинетите.
Обвинението се однесуваше на настани од март 1998 до септември 1999 година, на повеќе локации во Косово, како и во Кукс и Кахан во северна Албанија. Обвинителството тврдеше дека жртвите биле цивили и лица кои не учествувале во борбите, а биле сметани за противници на ОВК.
Тачи, Весели, Селими и Красниќи се наоѓаат во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Судењето започна во април 2023 година, а во судницата сведочеа 134 сведоци. Во постапката учествуваа и 156 жртви. Сите четворица во текот на процесот ги отфрлаа обвиненијата, додека обвинителството во завршните зборови бараше казни од по 45 години затвор за секој од нив.
Пресудата беше дочекана со силни реакции во Косово, каде Тачи и останатите обвинети за голем дел од јавноста остануваат симболи на борбата за независност. Во пресрет на одлуката беа организирани собири за поддршка и во Приштина и во Хаг.


