ВЕСТИПОЛИТИКА

Муцунски во Њујорк: Можеме да делегираме задачи на машините, но не и одговорноста

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, се обрати на настан во рамките на Глобалната платформа за регулаторни иновации (GRIP), кој се одржа на маргините на 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Настанот е заедничка иницијатива на Обединетите Арапски Емирати и Светскиот економски форум (World Economic Forum).

Во фокусот на неговото обраќање беше едно од клучните прашања на денешницата – како институциите и регулаторните системи да останат во чекор со брзиот развој на новите технологии, со особен акцент на вештачката интелигенција. Муцунски истакна дека иновациите треба да отворат нови економски можности и да донесат поквалитетни јавни услуги, но паралелно со тоа мора да бидат придружени со јасна одговорност, заштита на граѓаните и почитување на владеењето на правото.

„Можеме да делегираме задачи на машините, но не можеме да ја делегираме одговорноста“, порача министерот за надворешни работи.

Муцунски нагласи дека дигиталната трансформација за нашата држава претставува конкретна можност за поголема конкурентност на домашните компании, нови перспективи за младите луѓе и создавање побрзи и поефикасни институции. За остварување на овие цели, тој посочи дека е потребна поголема меѓународна соработка, размена на успешни практики и креирање регулаторни решенија кои ќе бидат применливи за сите држави.

Back to top button