
Поради најавените временски неприлики за претстојниот викенд, музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“, кој првично беше закажан за 12 септември, ќе се одржи еден ден порано, односно в петок на 11 септември со почеток во 20:00 часот во Паркот на Франкофонија, информираат од Општина Центар.
Програмата за музичката вечер останува непроменета. На сцената ќе настапат Слаткар, Дупер, Барбара Поповиќ, Лина Пејовска и 2 Бона, а водител на настанот ќе биде Сашко Коцев.
Годинава „Нешто што ќе остане“ се одржува по четврти пат, а музичката вечер е дел од одбележувањето на јубилејот – 50 години Општина Центар. Од локалната самоуправа потенцираат дека остануваат доследни на определбата да ја поддржуваат и промовираат македонската музичка сцена и домашните артисти, повикувајќи ги сите граѓани да ја забележат промената на датумот и да бидат дел од музичката вечер во новиот термин.
