
Норвешкиот Нобелов комитет ѝ ја додели Нобеловата награда за мир за 2026 година на јужноафриканската правничка Наванетем „Нави“ Пилај за нејзината работа на унапредување на мирот и меѓународното право.
Комитетот истакна дека 85-годишната Пилај, поранешна висока комесарка за човекови права на Обединетите нации, одиграла клучна улога во овозможувањето процесуирање на воените злосторства, злосторствата против човештвото и геноцидот. Во соопштението се наведува дека во време на егзистенцијални предизвици и бројни конфликти ширум светот, меѓународното право повеќе не претставува само додаток на мирот и безбедноста, туку апсолутна неопходност. Претседателот на комитетот, Јорген Ватне Фриднес, предупреди дека меѓународниот правен поредок е под огромен притисок, нагласувајќи дека судиите се оние кои ја чуваат тенката црвена линија меѓу редот и хаосот.
Пилај има долгогодишна кариера посветена на правдата, почнувајќи од 1967 година кога стана првата жена што отвори адвокатска канцеларија во тогашната провинција Натал, по што беше бранител на Нелсон Мандела и други антиапартхејд активисти, како и првата обоена жена во Високиот суд на Јужна Африка. Подоцна служеше во Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда, каде што одигра пресудна улога во правното утврдување дека силувањето и сексуалното насилство можат да претставуваат злосторство против човештвото и геноцид. Во својата кариера беше дел и од Меѓународниот кривичен суд, а во моментов е судија во Меѓународниот суд на правдата во случајот за геноцид врз Рохинџите во Мјанмар.
Таа претседаваше и со Независната меѓународна истражна комисија на ОН за окупираните палестински територии, која констатираше дека Израел извршил дела на геноцид во Газа. Реагирајќи на веста за признанието, Пилај првично искоментира дека помислила оти станува збор за шега и порача дека како правник сака прво да ја провери веродостојноста на информацијата. Таа истакна дека по презентирањето на извештајот за Газа многумина ѝ оддавале почит за храброста, прашувајќи зошто воопшто би била потребна храброст за да се каже вистината.
Наградата вредна 12 милиони шведски круни, односно околу 1,2 милиони долари, традиционално ќе биде врачена во Осло на 10 декември. За овогодинешната награда беа поднесени 287 номинации, а меѓу предложените беа и Меѓународната вселенска станица, хуманитарни тимови во Судан, застапници за правата на децата во Украина и два највисоки меѓународни суда.

