Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот охриѓанец К.К. поради сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. Тој е осомничен дека крвнички ја претепал својата 26-годишна девојка, нанесувајќи ѝ сериозни повреди.
Според полицискиот извештај, инцидентот се случил на 15 ноември околу 02:00 часот по полноќ. Двојката најпрво започнала вербална расправија во неговиот дом, која подоцна продолжила во неговиот автомобил. Додека биле во возилото, пријавениот физички ја нападнал девојката. Откако го запрел автомобилот, насилникот продолжил со ударите сè додека таа не изгубила свест и паднала.
Претепаната девојка била итно пренесена во Општата болница во Охрид, а поради сериозноста на состојбата била префрлена во специјализираната болница „Св. Еразмо“, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Полицијата реагирала брзо и во 05:05 часот изутрината насилникот бил лишен од слобода. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид донел решение со кое му се изречени мерки на претпазливост.
Случајот, меѓутоа, добил и дополнителна ескалација. Истото утро, во 08:50 часот, мајката на насилникот пријавила во полиција дека 49-годишниот татко на претепаната девојка телефонски упатувал закани кон нејзиниот син и кон целото нивно семејство.
Поради оваа пријава, полицијата истиот ден во 13:20 часот го лишила од слобода и таткото на жртвата, задржувајќи го во полициска станица. Од СВР Охрид најавуваат дека и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.










