
Полицијата утврди недостаток на речиси осум тони сув цвет од медицински канабис при контрола во фирма за одгледување на оваа билка во струмичкото село Борисово, општина Ново Село.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), контролата во просториите на правното лице каде што се складирал канабисот била извршена од страна на службеници од СВР Струмица во соработка со надлежната комисија при Министерството за здравство. При инспекцијата е констатирано дека недостасува документација за ангажираниот кадар, како и друга задолжителна евиденција. Она што е највпечатливо е утврдениот недостаток на дури 7.813 килограми сув цвет од медицински канабис, количина за која фирмата не располагала со соодветна документација и покритие.
Поради ваквиот наод, СВР Струмица веднаш поднесе кривична пријава против правното лице од село Борисово, како и против управителот В.К. од Ново Село со престој во Струмица. Тие се товарат за сторени кривични дела предвидени во член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.










