ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕСЦЕНА

Општина Центар слави 50 години јубилеј со четвртото издание на музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“

Во духот на големиот јубилеј – 50 години од формирањето на Општина Центар, на 12 септември 2026 година во Паркот на франкофонијата ќе се одржи четвртото по ред издание на традиционалниот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“, информираат од локалната самоуправа.

Општина Центар истакнува дека останува единствената општина што преку овој настан недвосмислено ја застапува и поддржува домашната култура, ангажирајќи исклучиво македонски уметници. Годинава, публиката ќе има ретка можност да ужива во ексклузивниот скопски настап на популарното дуо „Дупер“, додека енергијата ќе ја подигнат хип-хоп артистот Слаткар и хитмејкерите „2 Бона“. На сцената ќе настапат и извонредните вокали Лина Пејовска и Барбара Поповиќ.

Музичкиот настан започнува во 20:00 часот, а улогата на домаќин ќе ја има познатиот македонски актер Сашко Коцев, кој со својот препознатлив хумор и шарм ќе се погрижи за атмосферата меѓу настапите и ќе ја води публиката низ сите изненадувања на вечерта.

„Овој хепенинг е подарок за сите жители на Центар и Скопје – вечер посветена на заедништвото, позитивната енергија и поддршката на нашите музички таленти“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Од Општина Центар ги покануваат сите генерации заеднички да го прослават овој важен јубилеј и да создадат уште една вечер за паметење со домашниот автентичен звук.

Back to top button