ВЕСТИЕКОНОМИЈАИМПУЛСМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКА

Стопанската комора бара помалку неработни денови, ССМ возврати: Не ги кратете правата на работниците

Стопанската комора на Македонија најави дека до Министерството за економија и труд ќе достави иницијатива за измени на Законот за празниците, со која се предлага намалување на бројот на неработни денови и укинување на практиката кога празник што паѓа во недела се надоместува со неработен понеделник.

Од Комората сметаат дека големиот број неработни денови негативно влијае врз продуктивноста и економската активност, а како решение предлагаат бројот на неработни денови да се сведе на 13 годишно.

Предлогот веднаш предизвика реакција од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), чиј претседател Слободан Трендафилов оцени дека ваквите барања претставуваат удар врз работничките права.

„Не изненадува фактот што газдите мислат како да скратат од работниците, а да помислат како да ги платат работниците за нив тоа не доаѓа предвид“, изјави Трендафилов.

Тој посочи дека е несоодветно во услови кога работодавачите се спротивставуваат на зголемување на платите, истовремено да бараат и намалување на бројот на денови кои работниците ги користат за одмор и празнување.

„Во услови кога одбиваат зголемување на работничките плати да бараат кратење на правото на работниците да бидат дома, е несериозно. Сметавме дека газдите во Македонија се малку попаметни“, рече претседателот на ССМ.

Трендафилов нагласи дека работниците кои работат за време на празници добиваат повисок надоместок согласно законските одредби и оцени дека предлогот има за цел намалување на тие трошоци за работодавачите.

„Размислувањето на работодавачите да скратат нешто што не плаќаат, а денес работата на празник е 250 отсто дневница, и тие да сакаат да скратат само за да не ги платат, не само што сметаме дека е несериозно, туку и крајно навредливо за работниците“, изјави Трендафилов.

Тој потсети дека работодавачите претходно се спротивставија на барањата за зголемување на минималната и на останатите плати, додавајќи дека ваквите иницијативи дополнително ќе ја намалат мотивацијата на работниците да останат во државата.

„Сметам дека ваквите барања веројатно служат некому за дестимулирање на работниците. Тие се најголемите виновници што македонскиот работник замина од Македонија и што продолжува да заминува. Дури заминуваат и оние од Индија, Непал и Пакистан“, рече Трендафилов.

Засега нема официјален став од Министерството за економија и труд дали ќе ја прифати иницијативата на Стопанската комора и дали ќе бидат подготвени измени на Законот за празниците.

Back to top button