Општините немаат обврска да имаат инспектори, покажува анализа на ИСППИ

Македонските општини имаат законска можност, но не и обврска да организираат инспекциски служби, што значи дека доследноста на инспекцискиот надзор на локално ниво зависи исклучиво од политичката волја, а не од стандардизирана правна рамка. Ова е главниот заклучок од најновата „Анализа на правната рамка за локален инспекциски надзор“, изработена од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Иако законите нудат генерални стандарди за функционирање на инспекциите, истражувањето детектира сериозни системски недоследности, терминолошки неусогласености и кадровски дефицити кои директно ја загрозуваат ефикасноста на терен. Дополнителен удар врз професионалноста претставува укинувањето на системот за лиценцирање со новиот Закон за инспекциски надзор од 2025 година. Според новите правила, инспектор се станува само со потврда за положен испит, без воопшто да се земаат предвид видот и сложеноста на работата што ќе се извршува.
Анализата посочува дека статусот на инспекторите во моментов се регулира истовремено преку три различни закони – Законот за административни службеници, Законот за работните односи и Законот за инспекциски надзор. Ваквото преклопување создава значителна правна несигурност за самите службеници. Истовремено, експертите нотираат дека новоформираното координативно тело, Колегиум на директори на државни инспекторати, отвора простор за соработка, но начинот на координација со локалните инспектори сè уште не е конкретно нормативно уреден, оставајќи ги локалните служби без правно загарантирана вклученост.
Врз основа на овие загрижувачки наоди, ИСППИ излезе со конкретни препораки за промена на јавните политики. Се предлага итно воведување на законски минимум за задолжителни инспекциски служби во секоја општина, со особен фокус на секторите градежништво, комунални дејности, образование, животна средина, транспорт и заштита и спасување. Покрај ова, експертите препорачуваат поттикнување на меѓуопштинската соработка за формирање заеднички служби за помалите општини, како и сериозно преиспитување на одлуката за укинување на лиценцирањето на инспекторите.
Оваа анализа е изработена во рамките на проектот „Локалните инспектори под лупа“, кој го спроведува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во партнерство со ИСППИ, а е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
