ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ бара официјален документ за квалитетот на водата за пиење во Гостивар, ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува за ширење паника

Квалитетот на водата за пиење во Гостивар стана нова арена за политичка пресметка меѓу опозицијата и власта. Додека СДСМ инсистира Владата јавно да го објави документот и анализите кои потврдуваат дека водата е безбедна за пиење, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека институциите си ја завршиле работата и ја обвинуваат опозицијата за свесно ширење страв меѓу граѓаните.

На денешната прес-конференција, Кети Штерјова од СДСМ упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека дава уверувања од Скопје без да презентира официјален доказ. Таа потсети дека дури 5.000 граѓани имале здравствени последици од загадената вода.

„Владата одбива да покаже анализа или официјален резултат за водата во Гостивар. Зошто сè уште нема официјално објавен документ со кој се потврдува дека водата е чиста и здрава за пиење? Смачено им е на луѓето од најави и ветувања, а најмалку што им требаат се срамни здравици пред камери и циркуз“, изјави Штерјова, барајќи да се обелодени која институција ја направила анализата и кој со потпис гарантира за безбедноста.

Од друга страна, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, возврати дека надлежните институции ги направиле потребните испитувања и дефинитивно потврдиле дека водата е безбедна. Тој го обвини СДСМ дека се обидува политички да профитира преку лаги и манипулации, посочувајќи ги како пример и неодамнешните тврдења за водата во Скопје.

„Граѓаните не треба да бидат заложници на партиската паника на Филипче и СДС. Водата во Гостивар е безбедна, а институциите ја следат состојбата и постапуваат одговорно“, порача Петрушевски.

Тој упати и директни политички критики кон раководството на опозицијата, велејќи дека додека лидерот на СДСМ е „на Паљури со Заев“, партијата измислува кризи за да го прикрие хаосот во сопствените редови.

Back to top button