ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: Катастрофата во Гостивар продолжува, резултатите за водата дури на 20 август

Опозицискиот СДСМ преку прес-конференција на Маја Борозан упати остри критики кон власта за справувањето со кризата со водата за пиење во Гостивар, обвинувајќи за тотален колапс на институциите. Според партијата, илјадници граѓани се отруени, а над 4.000 луѓе веќе се соочиле со последиците од загадената вода.

СДСМ реагира на соопштението од министерот за здравство, Сашо Клековски, дека официјалната анализа на водата ќе биде објавена дури на 20 август. Партијата прашува врз основа на кои резултати и документи претходно водата била прогласена за „технички исправна“, обвинувајќи дека тоа е направено исклучиво по насока на премиерот Христијан Мицкоски за да се избегне кривична одговорност.

Контрадикторни изјави и обвинувања за профитерство

Во своето обраќање, Борозан потсети дека директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, јавно потврдил присуство на опасна бактерија во водата, додека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, зборувал за хиперхлорирање и истекување на водата од чешмите. Според СДСМ, скандалот добива поголеми размери бидејќи загадената вода стигнала и до гостиварската болница.

Партијата повторно се осврна и на набавката на флаширана вода, критикувајќи ја Владата дека преку СОЗР склучила договор од околу 100.000 евра во четири очи, без јавен оглас, што го оценуваат како профитирање на маката на народот.

На крајот од соопштението, СДСМ побара итна реакција од Јавното обвинителство и преземање на одговорност од Клековски, Тошковски и останатите надлежни, оценувајќи го случајот не како неспособност, туку како свесно загрозување на здравјето на луѓето.

Back to top button