Кризата со квалитетот на водата за пиење предизвика нов бран жестоки политички обвинувања и деманти меѓу опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, соопштија денеска преку посебни соопштенија за јавноста од двете најголеми политички партии.
Од СДСМ упатија остри критики до премиерот Христијан Мицкоски и Владата, алармирајќи дека неспособноста на власта директно го загрозува здравјето на граѓаните во повеќе општини низ државата.
„Денеска граѓаните конечно сфатија дека Владата на Христијан Мицкоски не ја труеше земјава само со омраза и лаги, туку им ја отру и водата како најосновна животна потреба во Гостивар, Валандово, Крушево, Лешок и други населени места. Со години ги труеја луѓето со пропаганда и поделби, а денеска излезе на видело целата нивна неспособност и корупција. Дојде денот кога сите маски паднаа и на сите им станува јасно дека владеењето со лаги е завршено“, соопштуваат од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.
На ваквите обвинувања со соопштение реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што истакнаа дека опозициската партија свесно шири дезинформации и користи стари документи за да предизвика непотребен страв кај населението.
„СДС се жив доказ дека се способни да користат случаи кои ги загрижуваат граѓаните само за сопствен личен интерес. Лани ширеа хистерија околу пожарите, а оваа година се обидуваат да создадат паника за загаденоста на водата, пласирајќи стар извештај за водата во Велес како да е актуелен. Извештајот што го пласираат е стар година и пол, од февруари 2025 година, и се однесува на село Сливник кое не е поврзано со градскиот водовод. СДС свесно шири застарени информации за да ќари политички поени на сметка на стравот кај граѓаните поради сопствениот пад на рејтингот“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија заклучуваат дека намерното ширење паника е крајно неодговорно однесување и дека граѓаните препознаваат кога темата за нивното здравје се злоупотребува за дневнополитички цели.










