ВЕСТИХРОНИКА

ПАТРОЛА: Застрашувачки случај на детска порнографија и обљуба во Скопје, старец избоде сосед во Тетовско

Застрашувачки случај на малолетничка деликвенција во кој момче од Скопје силувало и уценувало малолетно девојче со видеоматеријал е најтешкото кривично дело кое го бележи полицијата во изминатото деноноќие. Според дневниот билтен на МВР, против пријавениот малолетник е поднесена кривична пријава за силување дете кое не наполнило 15 години, како и за производство и дистрибуција на детска порнографија.

Црната хроника продолжува со серија насилни инциденти, меѓу кои се издвојува крвавата пресметка во тетовското село Милетино. Поради нерасчистени имотно-правни односи околу пат, 75-годишен старец со остар предмет тешко го повредил својот 66-годишен сосед, кој итно бил пренесен во тетовскиот Ургентен центар. Дека острите предмети сè почесто се во рацете на насилниците покажува и случајот во скопски Центар, каде двајца малолетници пресретнале 15-годишно момче и под закана со нож му ги одзеле парите.

Во меѓувреме, скопската полиција расчисти разбојништво во кое 34-годишен жител на Батинци бил фатен со револвер „магнум 357“. Според пријавеното, тој претходно со физичка сила го грабнал оружјето и парите од свој сограѓанин. Необична интервенција имала и неготинската полиција, која привела 28-годишен маж поради агресивно однесување и закани кон сопствениот брат. Полицијата утврдила дека насилникот бил под силно дејство на алкохол, со измерени фрапантни 2,78 промили во крвта.

Деноноќието донесе и трагични откритија на скопските улици. На две различни локации пронајдени се безживотни тела – 70-годишен маж на подрачјето на Скопје и 60-годишник на автобуска постојка во Драчево, чии тела се предадени на обдукција. Во делот на сообраќајот, тешки повреди заработил 73-годишен велосипедист откако во него удрил камион на плато пред бензинска станица во скопската населба Карпош.

Back to top button