ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски уверен: Имаме план да ја спасиме „Алта банка“, опозицијата ќе биде разочарана

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Алта банка ќе добие нов сопственик и нема да оди во стечај, отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата како „политички фолклор“.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази голем оптимизам за разрешницата на ситуацијата со „Алта банка“, најавувајќи дека банката ќе биде спасена и нема да замине во стечај. Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со инсистирањето на опозицијата за истрага и сомнежите како Давор Мацура добил лиценца, Мицкоски нагласи дека изминативе денови бил лично фокусиран на овој предмет.

„Денеска сум голем оптимист дека, за жал, од опозицијата ќе бидат разочарани, бидејќи нивните црни сценарија и обиди банката да отиде во неизвесност, односно во стечај, нема да се реализираат. Односно, ќе имаме финансиска институција, банка којашто ќе биде сопственик на ’Алта банка‘. Значи, ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето коишто се во некаква релација со неа“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тоа е „лоша вест за опозицијата која на дневна основа водеше кампања дека банката ќе банкротира“.

Во врска со барањата на СДСМ за институционална разврска, премиерот истакна дека апсолутно се согласува Обвинителството да отвори случај и да поведе истрага. Сепак, тој ги отфрли обвинувањата како „политичка естрада и фолклор“, посочувајќи дека Мацура ги исполнил сите законски услови за работа на македонскиот пазар, потсетувајќи дека тој претходно добил дозвола од австрискиот регулатор за акции во „Адико банка“ и влегол во деловни односи со „Рајфајзен банка“.

Мицкоски потенцираше дека Владата не може да бира кој ќе работи во државата ако ги исполнува правилата на слободниот пазар, и предупреди на можните последици доколку се примени логиката на опозицијата. „Замислете ако на тој начин размислуваат сега кај нашиот северен сосед, да речеме одредени македонски компании по правило на реципроцитет да им биде забрането да работат, како ’Алкалоид‘, ’Витаминка‘ или ’Стокомак‘. Ако влеземе во вакви односи на билатерална основа, тогаш лошо се пишува и на економијата, но и на политичките односи“, објасни тој.

На крајот, премиерот уште еднаш повтори дека случајот со банката е „увезен“ и дека Владата ќе успее во амбицијата да ја спаси финансиската институција.

Поврзани вести

Back to top button