Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа го заврши својот историски настап на Грен слем турнирот Вимблдон, откако во првото коло претрпе пораз од шестата тенисерка во светот, Аманда Анисимова од САД, со 2-0 во сетови (6-3, 6-2). И покрај елиминацијата, Ѓорческа прикажа извонреден настап и силна борба, успевајќи да освои пет гема против минатогодишната финалистка на лондонскиот Грен слем.
Мечот на терените во Селсдон изнесуваше еден час и една минута динамична игра. Во првиот сет, кој траеше 31 минута, македонската тенисерка успеа да освои три гема. Во вториот сет, кој се играше 30 минути, Анисимова го појача темпото и го доби сетот со 6-2, со што го завери пласманот во следната рунда.
Статистика на еден час рамноправна игра
Американската тенисерка ја оправда улогата на фаворит главно благодарение на одличниот прв сервис, каде што освои дури 83% од поените, наспроти 62% на Ѓорческа. Анисимова заврши со 17 директни поени (winners) и 16 неизнудени грешки, реализирајќи три од вкупно четирите прилики за брејк.
Од друга страна, 222-рангираната Ѓорческа забележа 4 директни поени и направи 20 неизнудени грешки, но во текот на целиот натпревар не успеа да стигне до шанса за брејк на сервис на противничката.
За 31-годишната Македонка, самиот пласман во главниот ждреб преку квалификациите останува историски успех за македонскиот тенис, а прикажаната игра против тенисерка од самиот светски врв докажа дека Ѓорческа поседува квалитет за големата сцена.
Ј. Ѓорѓиоски


