Пожарот на Пелистер е локализиран, дежурни екипи остануваат на терен поради опасност од повторно разгорување

Пожарот што од преспанската страна навлезе во Националниот парк „Пелистер“ е ставен под контрола, но дежурни екипи остануваат на терен за целосно догаснување и спречување на евентуално повторно активирање на огнот, информира Центарот за управување со кризи. Во гаснењето беа вклучени пожарникари од Битола и Ресен, вработени во Националниот парк, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, механизација и воздушни сили.
Пожарот избувна во саботата попладне од преспанската страна на планината и за кратко време се прошири кон пониските делови на Националниот парк.
По тешката ноќна интервенција, директорот на НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски, во неделата информираше дека состојбата е стабилизирана и пожарот е локализиран, но предупреди дека опасноста од негово повторно активирање и ширење останува голема и во значителна мера зависи од временските услови.
Екипите на Националниот парк, Територијалните противпожарни единици од Битола и Ресен, доброволци и работници од јавните претпријатија останаа на терен и во текот на ноќта.
Во борбата со огнот беа вклучени и двата противпожарни авиони „ер трактор“ на ДЗС, како и армиски хеликоптер. Со тешка механизација беше направена и противпожарна пресека над боровата шума, со цел да се спречи пламенот да напредува кон повисоките и пошумени делови на Пелистер.
Пожарот зафатил голема површина, а во текот на неделата, со зголемувањето на температурите, на повеќе места повторно биле забележани чад и нови жаришта. Поради тоа интервенцијата продолжила и од воздух и од земја и покрај тоа што во текот на претходната ноќ била воспоставена одредена контрола врз огнената линија.
За време на интервенцијата бил повреден и возач на булдожер, кој при скок од машината ги повредил ребрата. Според директорот на ДЗС Стојанче Ангелов, тој бил згрижен во болница и бил во добра здравствена состојба. Ангелов истовремено демантираше дека меѓу повредените има пожарникари, откако претходно беа објавени информации за повредени припадници на екипите на терен.
Паралелно со гаснењето, надлежните го отворија и прашањето за причините за пожарот.
Ангелов изнесе сомневање дека пожарот можеби бил намерно предизвикан. Тој претходно објасни дека огнот започнал во близина на овоштарници, а додека екипите интервенирале на една локација, на друго место се појавила подолга нова огнена линија. Според него, ваквиот развој создава сомнеж дека станува збор за подметнување. Засега, сепак, нема официјално утврден причинител на пожарот.
Од Националниот парк и локалните власти апелираат на особена внимателност и одговорно однесување во шумите, бидејќи високите температури, сувата вегетација и ветерот можат многу брзо да доведат до повторно ширење на огнот.
Пелистер е прогласен за национален парк во 1948 година и е најстариот национален парк во Македонија. Особено е препознатлив по моликата, ендемичен вид бор и едно од најзначајните природни богатства на планината.
Според последните достапни информации, пожарот е под контрола, но операцијата не се смета за целосно завршена – дежурни екипи остануваат на критичните места за догаснување и навремена реакција доколку се појават нови жаришта.

