БАЛКАНВЕСТИИМПУЛС
Во тренд

Катастрофален биланс од пожарот кај Омиш: Изгореа 106 возила, 28 куќи и 45 пловила [ВИДЕО]

Во големиот пожар што во ноќта меѓу 13 и 14 август го зафати подрачјето на Локва Рогозница и Омиш во Хрватска, целосно изгореле 106 возила, 28 куќи и 45 пловила, соопшти сплитско-далматинскиот жупан Блаженко Бобан, објавија хрватските медиуми.

Огнената стихија целосно уништила и седум стопански, три угостителски и шест помошни објекти од семејни куќи. Сите 45 уништени пловила во моментот на пожарот биле извлечени на брегот.

Според Бобан, делумно се оштетени уште 43 куќи, 20 возила и девет пловила. Целосниот размер на материјалната штета сè уште не е познат, а допрва треба да се направи и проценка на штетите во земјоделството, вклучително и на маслиновите насади.

Откако Град Омиш ќе ги заврши теренските увиди и ќе ги достави податоците за штетите, ќе биде поднесено барање до Штабот за цивилна заштита за прогласување природна непогода, најави Бобан.

Тој потсети дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ најавил помош од Владата за санација на уништените простори и објекти, како и за обесштетување на погодените жители.

Четири дена по катастрофалниот пожар, на подрачјето на Омиш продолжуваат санацијата и проценката на штетите. Жителите ги обиколуваат изгорените куќи, деловни простории и автомобили, додека причината за избувнувањето на пожарот сè уште се утврдува.

Back to top button