АРТВЕСТИ

Јордан Симонов назначен за нов уметнички директор на МНТ

Директорот на Македонскиот народен театар (МНТ), Никола Кимовски, денеска го назначи актерот-првенец Јордан Симонов за нов уметнички директор на оваа национална институција. Пред стапувањето на оваа функција, Симонов веќе беше дел од раководните структури како член на Уметничкиот совет на МНТ.

Од театарот посочуваат дека, имајќи ја предвид неговата импозантна актерска кариера која започнува уште во 1989 година, како и богатото театарско, филмско и режисерско искуство, ова назначување претставува природен и значаен чекор напред за институцијата.

„Неговото долгогодишно искуство и работата во различни жанрови – од драма, комедија и трагедија до мјузикл – претставуваат значаен придонес во уметничкиот развој на МНТ и создавањето нови професионални и творечки импулси во работата со колегите и соработниците“, се вели во соопштението од МНТ.

Симонов е добитник на голем број индивидуални и колективни награди. Неговиот силен актерски печат е оставен во десетици култни претстави низ годините, почнувајќи од „Буре барут“, „Кројач за дами“ и „Будење на пролетта 2000“, преку „Опасни врски“, „Ревизор“ и „Мајсторот и Маргарита“, па сè до „Бесачи“, „12“ и претстојните проекти за 2025 и 2026 година како „Варвари“ и „Као какао“.

Back to top button